Manifesto Macedonian
МАНИФЕСТ ЗА ЖЕНИТЕ НА МЕЃУНАРОДНИОТ ПЕН
Првиот и основен принцип на Повелбата на ПЕН укажува на тоа дека „литературата не познава граници“. Овие граници традиционалnо се сметаа за граници помеѓу земји и народи. За многу жени во светот – како и речиси за сите жени до неодамна – првата и последна, а можеби и најцврста граница, е вратата на домот во кој таа живее: домот на нејзините родители или на нејзиниот сопруг. За жените да имаат право на слободен говор и право на писменост, неопходно е и правото за слободно движење, како физичко, така и општествено и интелектуално. Постојат малку општетсвени системи во кои не се гледа со непријателство кон жената која самата го избрала своето движење.
ПЕН смета дека насилството кон жената во сите можни облици, не само во нејзиниот дом, туку и во сферата на јавниот живот, создава опасни облици на цензура. Насекаде по земјината топка, различни култури и традиции постојано се вреднуваат над човечките права и тие се користат како оправдување за поттикнување или одбрана на насилството врз жените и девојките.
ПЕН смета дека чинот на задушувањето на гласот на една личност е еднакво на порекнување на постоењето на таа личност. Тоа е исто како еден вид смрт. Човештвото ќе биде посиромашно и несоодветно без целосно слободно изразување на креативноста и знаењето на жените.
ПЕН ДАВА ПОДДРШКА НА СЛЕДНИВЕ МЕЃУНАРОДНО ПРИЗНАЕНИ ПРИНЦИПИ:
- НЕНАСИЛСТВО: Да се стави крај на насилството против жените и девојките кое вклучува правно, физичко, сексуално, психолошко, говорно и дигитално насилство; да се промовира средина во која жените и девојките може слободно да се изразат себеси и во која ќе се обезбедат услови за целосна истрага на родовото насилство, за казна на починителите и за надомест на жртвите.
- БЕЗБЕДНОСТ: Да се заштитат жените писатели и новинари и да се сузбие неказнивоста за насилни чинови и вознемирување што се вршат врз жени писатели и новинари во светот и на интернет.
- ОБРАЗОВАНИЕ: Да се отстрани родовата нееднаквост на сите нивоа на образование со промовирање целосен пристап кон квалитетно образование и обезбедување услови за жените целосно да ги користат своите права на образование и писменост.
- ЕДНАКВОСТ: Да се обезбедат услови за еднаквост со мажите пред законот, да се осуди дискриминацијата против жените во секој нејзин облик и да се преземе секој неопходен чекор за елиминирање на дискриминацијата со што, преку развојот и напредокот на жените писатели, ќе се обезбеди целосна еднаквост на сите луѓе.
- ПРИСТАП: Да се обезбедат услови за двање на жените слободен пристап кон сите граѓански, политички, економски, општествени и културни права со цел да им се овозможи целосно и слободно учество и јавно присуство на жените во сите медиуми и во сите книжевни форми на изразување. Исто така, да се обезбеди еднаков пристап за жените и девојките во сите видови медиуми како средства за слобода на изразување.
- СООДВЕТНОСТ: Да се промовира еднакво економско учество на жените писатели и да се обезбедат услови за жените писатели и новинари да бидат вработени и платени соодветно и под исти услови со мажите, без притоа да се врши никаква дискриминација.
Превод од англиски јазик: Зоран Анчевски